Најмалку шест лица загинаа, а 129 се водат како исчезнати откако траектот „Вирго Транспорт 8“ се преврте во Јаванското Море поради силно невреме. На бродот имало 243 лица, од кои 213 патници и 30 членови на екипажот, а досега се спасени 108 луѓе.
Траектот пловел од Сурабаја кон Банџармасин кога западнал во невреме со бранови високи до три метри, по што капетанот испратил повик за помош. Контактот со бродот бил изгубен околу два часот по полноќ, а два часа подоцна било потврдено дека се превртел на околу 148 километри од Банџармасин.
Во големата операција за пребарување и спасување учествуваат 17 бродови и авиони и околу 622 припадници на војската, полицијата и другите служби. Властите испраќаат и специјализирани нуркачки тимови и подводни дронови на морнарицата за пребарување на превртениот брод и околното морско подрачје.
Траектот бил долг 119 метри, превезувал и 89 возила, а бил изграден во Јапонија во 1987 година и продаден на Индонезија минатата година. Спасувачите велат дека операцијата продолжува и дека сè уште постои надеж меѓу исчезнатите да бидат пронајдени преживеани.
