Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посети Одделението за семејно насилство при СВР Скопје, каде се запозна со работата на полициските службеници, предизвиците со кои се соочуваат и резултатите од нивното постапување.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во периодот од 2022 до 2026 година на подрачјето на Скопје се евидентирани вкупно 1.275 пријави за семејно насилство. Од нив, 326 случаи биле регистрирани во 2022 година, 216 во 2023 година, по 273 во 2024 и 2025 година, додека во текот на 2026 година, заклучно со денес, се пријавени 187 случаи.
Статистиката покажува и зголемена ефикасност во институционалното постапување. Во 2022 година по брза постапка биле процесуирани 10 случаи, при што биле изречени четири мерки на претпазливост. Во 2023 година биле процесуирани 18 случаи со седум мерки, во 2024 година 25 случаи со 11 мерки, а во 2025 година 34 случаи со 15 мерки.
Во текот на 2026 година, досега по брза постапка се процесуирани 52 случаи, а изречени се 23 мерки на претпазливост.
Од МВР оценуваат дека во споредба со 2022 година, бројот на случаи решени по брза постапка и бројот на изречени мерки на претпазливост се зголемени за повеќе од пет пати, што, според институцијата, укажува на поефикасна и побрза реакција во заштитата на жртвите.
„Семејното насилство го третираме со највисок степен на сериозност. Наш приоритет останува навремена заштита на секоја жртва и брза и решителна реакција кон сторителите“, изјави министерот Панче Тошковски.
