Олимпијакос и официјално потврди дека Томас Вокап ја продолжува кариерата во Дубаи, откако двата клуба постигнале договор за негов трансфер.
„Томас Вокап ќе ја продолжи кариерата во Дубаи, откако двата клуба постигнаа договор“, објави грчкиот клуб на своите социјални мрежи, упатувајќи му благодарност на кошаркарот за придонесот во изминатите пет години.
Со ова завршува една од најголемите трансфер-саги летово во Евролигата. Сè започна кога Вокап побара да ја продолжи кариерата во Обединетите Арапски Емирати, на што Олимпијакос остро реагираше и ја обвини управата на Дубаи за неовластени преговори со играч кој имал важечки договор.
Поради случајот, Евролигата отвори постапка против првиот оперативец на Дубаи, Дејан Камењашевиќ.
Газдите на Олимпијакос, браќата Ангелопулос, најавуваа и судска разрешница, но на крајот двете страни постигнаа договор. Дубаи ги исполнил условите што ги поставил грчкиот клуб, по што трансферот бил реализиран.
Вокап го напушта Олимпијакос по пет успешни сезони, во кои беше еден од клучните кошаркари на тимот од Пиреја и остави значаен белег во црвено-белиот дрес.
