Спасувачки нуркачи, пожарникари и полиција во Бугарија успешно спасија 17-годишно момче кое влегло во надојдената река Јантра кај селото Шемшево, во регионот на Велико Трново, во услови на силно невреме и поплави.
Според бугарските служби, момчето влегло во реката пред пладне, по што било понесено од силната водена струја. Во спасувачката акција учествувале екипи од пожарната, полицијата и специјализирани нуркачки тимови.
Тинејџерот бил извлечен жив и веднаш предаден на медицински екипи за преглед. Неговата состојба е стабилна, но е пренесен во болница за дополнителни контроли, заедно со неговите родители.
Спасувањето се случило во период кога регионот е погоден од обилни врнежи, кои предизвикаа излевање на реките Јантра, како и прогласување вонредна состојба во повеќе градови.
Локалните власти предупредуваат граѓаните да не се приближуваат до надојдени реки и ризични подрачја, поради опасност од брзи и непредвидливи промени во водостојот.
