Во пресрет на Светскиот ден на бездомништвото, вработените на ТАВ Македонија и ТАВ Аеродроми реализираа хуманитарна иницијатива со која обезбедија поддршка за лицата кои се соочуваат со тешки животни услови.
Преку акцијата „ТАВ Готви“, како дел од корпоративната волонтерска програма на ТАВ Аеродроми „Hope On Board“, волонтерите подготвија 170 пакети со храна наменети за корисниците на Пунктот за бездомници „Момин Поток“, кој функционира под управување на Црвениот крст на Република Северна Македонија – Црвен крст на Град Скопје.
Иницијативата ги обедини вработените околу заедничката цел – да обезбедат конкретна помош и да покажат солидарност кон најранливите категории граѓани. Освен подготовката на пакетите, волонтерите вложија време и личен ангажман, испраќајќи порака дека хуманоста и грижата за заедницата се важен дел од општествената одговорност.
„Како аеродромски оператор, нашата улога не е само да поврзуваме дестинации. Подеднакво сме посветени и на придонесот кон благосостојбата на заедниците на кои им служиме. Преку „ТАВ Готви“ и во рамките на корпоративната волонтерска програма на ТАВ Аеродроми ‘Hope On Board’, испраќаме порака дека солидарноста, сочувството и грижата можат да помогнат во подобрување на животите и зајакнување на заедниците“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
Тој додаде дека компанијата е горда на продолжувањето на соработката со Црвениот крст и поддршката за корисниците на Пунктот за бездомни лица „Момин Поток“, нагласувајќи дека и малите чекори можат да создадат големи промени кога се прават со заедничка цел.
Волонтерската акција е организирана во пресрет на 10 октомври – Светскиот ден на бездомништвото, кој има за цел да ја подигне свеста за проблемите со кои се соочуваат луѓето без соодветно домување.
ТАВ Македонија продолжува со реализација на активности во рамки на корпоративната општествена одговорност, преку поддршка на локалните заедници, партнерства и иницијативи насочени кон солидарност и социјална инклузија.
