Поморскиот сообраќај низ теснеците Баб ел-Мандеб и Ормуз и натаму се одвива со намален интензитет, покажуваат најновите податоци за пловидбата. Во понеделникот низ Баб ел-Мандеб поминале 20 бродови, исто колку и претходниот ден, од кои 12 танкери и осум товарни бродови. Во Ормускиот теснец, пак, регистрирани се само шест пловила, што укажува дека сообраќајот и понатаму е значително намален.
Неизвесноста околу преговорите меѓу САД и Иран продолжува да влијае врз безбедноста на пловидбата, при што Техеран тврди дека во моментов не се водат официјални разговори со Вашингтон. Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги одложил новите напади врз Иран поради дипломатските напори за решавање на кризата.
Дел од бродовите и натаму пловат со исклучени транспондери, поради што не се опфатени во официјалната статистика за сообраќајот. Неколку саудиски супертанкери, стравувајќи од можни напади на јеменските Хути, ја промениле рутата и наместо преку Црвеното Море, се упатиле кон јужниот дел на Африка.
