Словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар ќе биде подложен на операција по сериозните повреди што ги заработи при падот на Вуелта.
Погачар доживеа тежок пад на 32 километри пред целта на етапата од Пусол до Ксерас, по што не можеше да ја продолжи трката и беше пренесен во болница.
По деталните лекарски прегледи, тимот UAE Emirates XRG соопшти дека на Погачар му биле констатирани потрес на мозокот, дислоцирана фрактура на левата клучна коска, стабилна фрактура на седмиот вратен пршлен (C7), како и повеќе расекотини на лицето и левото рамо.
„Тадеј е стабилен. За среќа, нема други сериозни повреди ниту невролошки последици“, изјави раководителот на медицинскиот тим, д-р Адријан Ротуно.
Поради повредата на клучната коска, словенечкиот ас ќе мора да биде опериран, но интервенцијата нема да биде извршена веднаш поради медицинскиот протокол што се применува кај пациенти со потрес на мозокот.
Од тимот најавија дека Погачар останува под постојан лекарски надзор и дека повеќе информации за неговата состојба ќе бидат објавени по операцијата.
Со оглед на сериозноста на повредите, засега изгледа малку веројатно најдобриот светски велосипедист да се врати на натпреварувањата до крајот на сезоната.
