Струмичките пожарникари вчера интервенираа на два големи пожари, од кои едниот во селото Иловица се приближил на само стотина метри од првите куќи, додека другиот во селото Колешино зафатил погон за обработка на картон.
Од Територијалната противпожарна единица Струмица информираат дека пожарот во Иловица избувнал во периодот од 14:00 до 15:00 часот, при што огнот зафатил голема површина со сува трева и грмушки.
Пожарот беснеел неколку часа, а на терен интервенирала екипа на ТППЕ Струмица со навално возило-цистерна и теренско возило. Во гаснењето активно помогнало и локалното население со лопати, канистри со вода и земјоделски прскалки.
Градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, информираше дека постојат сомневања оти пожарот бил намерно предизвикан.
„Местото каде е подметнат пожарот е утврдено, гранките се сечени со секира, најдена е запалка. Многу докази за намерно предизвикување на пожар“, објави Манчев.
Тој посочи дека доколку пожарот не бил навреме забележан и локализиран, последиците можеле да бидат многу посериозни, особено поради близината до населеното место.
Пожарот во Иловица бил ставен под контрола и изгаснат, а дополнителна помош во интервенцијата донел и дождот кој попладнето го зафатил струмичкиот регион.
Во текот на вчерашниот ден пожарникарите интервенирале и во селото Колешино, каде избувнал пожар во погон за обработка на картон.
За гаснење биле ангажирани пет противпожарни возила и 14 пожарникари, кои со брза и координирана реакција успеале да го локализираат пожарот и да спречат негово понатамошно ширење.
Од ТППЕ Струмица информираат дека на местото било оставено дежурно противпожарно возило со пожарникари-спасители за следење на состојбата.
