Фотографии од странски ловци со застрелани капитални елени во македонските ловишта повторно ја отворија јавната дебата за ловечкиот туризам и контролата врз отстрелот на крупен дивеч. Новите објави на социјалните мрежи следуваат само неколку дена по реакциите за случајот во Националниот парк „Маврово“, каде шпански ловци беа снимени при отстрел на дивокози.
На социјалните мрежи се појавија повеќе фотографии и сведоштва од странски државјани кои ловеле во Македонија. Во една од објавите, ловец од соседна земја сподели фотографија со застрелан елен, наведувајќи дека станува збор за неговиот прв трофеј од ваков вид и момент што, како што напиша, ќе го памети цел живот.
Ваквите објави повторно ги отворија прашањата за тоа како се организира ловечкиот туризам во земјава, под кои услови се издаваат дозволи за лов и каков е надзорот врз активностите во ловиштата.
Во фокусот на јавноста останува и неодамнешниот случај во Националниот парк „Маврово“, кога во јавноста беа објавени снимки од шпански ловци при отстрел на дивокози. Дополнителни реакции предизвикаа и снимките на кои се гледа ритуал со крв од застреланите животни.
Од Управата на Националниот парк тогаш соопштија дека станувало збор за санитарен отстрел спроведен во согласност со редовната програма за управување со дивечот. Сепак, дел од јавноста остана скептична, особено поради тоа што туристички и ловечки агенции нудат вакви аранжмани за странски посетители.
Во меѓувреме, од надлежните институции сè уште нема официјални информации за бројот на странски ловци кои годинава добиле дозволи за лов во Македонија, ниту за бројот на одобрени отстрели на крупен дивеч.
Без одговор остануваат и прашањата кои ловишта се дадени под концесија, како се следи спроведувањето на дозволите и дали на терен се вршат редовни контроли за да се утврди дали се почитуваат законските правила при ловот.
