Жителите на Општина Сопиште отсега имаат на располагање нов современ спортски простор, откако беше пуштено во употреба реконструираното мултифункционално игралиште спроти општинската зграда.
Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за спорт и Владата, во соработка со Општина Сопиште. Новото игралиште денеска го промовираа министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски.
Спортскиот комплекс располага со терени за фудбал, ракомет и кошарка, поставена е современа опрема, изградена е трибина и поставена е заштитна ограда, со што се создадени подобри услови за спортување и рекреација на децата, младите и сите граѓани.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, порача дека вложувањето во спортската инфраструктура останува еден од приоритетите на институциите, со цел квалитетни услови за спорт да има во сите општини.
„Секое ново игралиште е нова можност за едно дете да го избере спортот, да се развива правилно и да ги направи првите чекори во спортот. Без основни услови не може да зборуваме ниту за професионален спорт, ниту за правилен развој на младите“, изјави Ристовски.
Тој додаде дека Министерството за спорт, со поддршка од Владата, ќе продолжи со инвестиции во спортските објекти низ државата, со акцент на проекти што директно ќе им користат на граѓаните.
„Ова е насоката во која одиме – не ветувања, туку реализирани проекти. Не само зборови, туку работа на терен“, нагласи министерот.
Од Министерството за спорт информираат дека во следниот период ќе продолжат активностите за изградба, реконструкција и модернизација на спортската инфраструктура, со цел поголем број граѓани, особено младите, да имаат пристап до безбедни и функционални простори за спорт и рекреација.
