Собранието денеска на 112. седница, на предлог на премиерот Христијан Мицкоски во рамки на реконструкцијата на Владата ги разреши министрите за правда Игор Филков, за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, за односи меѓу заедниците Игор Стоиљковиќ, за здравство Азир Алиу, за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, за локална самоуправа Златко Перински, како и Шабан Салиу од функцијата министер без ресор.
Разрешени се и замениците министри за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и за култура и туризам Седат Сулејмани.
– Од првиот ден, кога ја презедовме одговорноста, кажав дека оваа Влада нема да биде Влада на комфор, туку Влада на резултати. Нема да биде Влада во која функциите ќе се сметаат за стекнато право, туку за обврска што секој ден повторно мора да се заслужува. Тоа не беше политички слоган, тоа беше принцип. Денес, покажуваме дека тој принцип важи педнакво за сите – порача премиерот Христијан Мицкоски, образложувајќи го предлогот за разрешување членови на Владата.
Функцијата, посочи, не била и никогаш нема да биде цел сама по себе, таа е средство преку кое му се служи на народот – порача
Денес, нагласи, не се збогуваме со луѓе што не работеле, туку, напротив, со луѓе што во разни ресори дадоа свој придонес за реализација на програмата за која граѓаните дадоа доверба.
Според него, на реконструкцијата на Владата не треба да се гледа како на крај на нечија работа.
Заблагодарувајќи им се на членовите на Владата, кои, како што рече, во изминатиот период чесно, одговорно и посветено ги извршуваа функциите, потенцира – „со искрена благодарност за нивната работа ја отвораме следната етапа, не затоа што го негираме сработеното, туку затоа што сакаме врз она што е направено да изградиме уште повеќе“.
Во текот на расправата опозицијата оцени дека реконструкцијата е политичка, а не кадровска и е увертира за предвремени избори.
Пратеникот Борислав Крмов од Левица, говорејќи по првата точка на пленарната седница посветена на разрешувањето на министрите, праша зошто се менува министерот за земјоделство, ако работел добро.
– Пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ зборуваа за тоа какви резултати постигнал, како вовел ред во хаосот, колку било сега подобро во земјоделието од порано и слично. Прашањето е, ако е така, зошто сега го менуваме? Зборуваме за министер кој го донесе македонското земјоделие во колапс, којшто сега им должи околу 70 милиони евра неисплатени субвенции, 40 милиони евра субвенции скратени за 2026-та, којшто во моментот има криза за млекото, оризот, пченицата и јачменот…, рече Крмов.
Според него, Министерството за земјоделство се третира како еден вид жежок костен којшто се подава меѓу коалиционите партнери, иако тоа треба да биде еден од галвните сектори во државата бидејќи го третира производството на храна.
Од реконструкцијата, рече Крмов, најмногу ќе изгуби политичката партија ЗНАМ која го губи секторот правда, а ВЛЕН ќе излезат појаки затоа што добиваат ресор плус. Со давањето на секторот правда на ВЛЕН, според Крмов, се отвара можноста правосудниот испит да се полага и на албански јазик, а со тоа на долг рок правосудството ќе стане двојазично.
