Бројот на загинати во пожарот што избувна во станбените облакодери „Ванг Фук Корт“ во Хонг Конг се искачи на 128 лица, потврдија локалните власти на денешната прес-конференција.
Пожарот, кој е целосно изгаснат околу 10:18 часот по локално време (02:18 часот по Гринич), остави и најмалку 79 повредени, додека десетици луѓе сè уште се водат за исчезнати.
Властите соопштија дека 16 тела сè уште се наоѓаат во објектите, а 89 од пронајдените жртви сè уште не се идентификувани. За идентификација на починатите ќе бидат користени повеќе методи, вклучувајќи и ДНК анализа, јави Би-Би-Си.
Службениците на Противпожарната служба соопштија дека по избувнувањето на пожарот е извршена проверка на противпожарните аларми во сите осум блока и било утврдено дека тие не работеле ефективно. Ова претставува потврда на изјавите од повеќе жители дека нивните аларми не се огласиле кога избувнал пожарот. Властите најавија дека ќе преземат дополнителни мерки во врска со ова.
Шефот за безбедност, Танг Пинг-Кеунг, изјави дека брзото ширење на пожарот го припишува на стиропорот поставен надвор од прозорците на станбените блокови.
Пожарот започнал од пониските катови и се проширил на повисоките нивоа. Истрагата за утврдување на причината е во тек, а во нејзиниот врв, температурата на огнот достигнала 500°C, поради што на некои места огнот повторно се активирал по првичното гаснење. Иако пожарот е изгаснат, некои делови од зградите сè уште имаат температура над 200 степени Целзиусови.
На денешната прес конференција беше соопштено и дека во операцијата за гаснење и спасување биле мобилизирани 391 противпожарно возило и 188 амбулантни возила. Повеќе од 2.311 пожарникари учествуваа во операцијата, при што 12 припадници на службата се здобија со повреди.
