На Скопското Кале привршуваат подготовките за отворање на два нови музеја – Музејот на праисторијата и Музејот на османлискиот период, кои се очекува да бидат ставени во функција во текот на следната година. Во нив ќе бидат изложени илјадници археолошки предмети пронајдени за време на капиталните истражувања на Калето од 2007 до 2016 година, претставени преку современ музејски концепт со интерактивни и мултимедијални содржини.
Со одлука на Владата, целокупниот археолошки материјал од истражувањата му е доверен на Археолошкиот музеј на Македонија, кој ќе управува со поставките. Од вторник започнува ентериерното уредување на двата музејски објекта, додека претходно беше извршена ревизија и селекција на предметите што ќе бидат изложени.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го посети локалитетот, придружуван од директорките на Управата за заштита на културното наследство и Археолошкиот музеј. Тој изрази уверување дека Калето ќе прерасне во една од најзначајните туристички атракции во Скопје.
„Очекувам следната година Скопското Кале да го добие ликот и функционалноста што ги заслужува. Верувам дека граѓаните, но и посетителите од странство, ќе бидат пријатно изненадени од богатството на археолошкото наследство што ќе биде претставено“, изјави Мицкоски.
Од Управата за заштита на културното наследство информираа дека при археолошките истражувања биле пронајдени повеќе од 5.000 предмети. По обезбедувањето осум милиони денари за адаптација и санација на објектите, тие се целосно обновени и подготвени за следната фаза – музејско уредување.
Во тек е и постапката за прогласување на Скопската тврдина – Кале за културно наследство од особено значење, со што ќе се воспостави нов модел на управување меѓу Град Скопје и Археолошкиот музеј.
Според директорката на Археолошкиот музеј, Магдалена Манаскова, поставките ќе бидат изработени врз основа на концепт на археологот проф. д-р Драги Митревски, со современ дизајн и визуелен идентитет, а музеите ќе станат дел од понудата на Скопје како Европска престолнина на културата во 2028 година.
