Синиша Каран, кандидатот на СНСД, прогласи победа на изборите за претседател на Република Српска, повикувајќи се на привремени резултати кои ги објави партијата. Според овие резултати, кои се базирани на обработка на 95,61% од избирачките места, Каран води со околу 8.500 гласови пред својот ривал Бранко Блануша од СДС.
Во Бања Лука, најголемиот град во босанксиот ентитет, Блануша оствари убедлива победа со разлика од околу 13.000 гласа, што воведе дополнителна динамика во изборните интерпретации од двете страни. СДС истакна дека верува во победата на својот кандидат, тврдејќи дека само чуда можат да ја променат сликата, додека СНСД изрази незадоволство од излезноста на гласачите, забележувајќи дека дел од нивната основна изборна база не излегла на изборите.
Централната изборна комисија на БиХ ги распиша предвремените избори за претседател на РС откако му го одзеде мандатот на тогашниот претседател на тој ентитет на БиХ, Милорад Додик, врз основа на конечна пресуда на Судот на БиХ со која го осуди на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавни функции.
