Вооружени лица киднапираа вкупно 303 ученици и 12 наставници во напад врз католичкото училиште „Света Марија“ во централната нигериска држава Нигер, соопшти денеска Христијанската асоцијација на Нигерија. Првично биле киднапирани 215 деца и 12 наставници, а напаѓачите синоќа заробиле уште 88 деца кои се обиделе да избегаат за време на нападот.
Нигерија, најнаселената земја во Африка, е погодена од масовни киднапирања.
Нигериските власти сè уште не соопштија колку деца се киднапирани, а државната влада нареди привремено затворање на сите интернати во областа.
Киднапирањето се случува четири дена откако 25 ученички беа киднапирани во слични околности во соседната држава Кеби, во градот Мага, на 170 километри од последното киднапирање.
Ниту една група не ја презеде одговорноста за киднапирањата, а властите велат дека тактички единици се распоредени заедно со локалното население за да се обидат да ги спасат децата.
Киднапирањата во училиштата ја дефинираа несигурноста во земјата, а вооружените банди ги гледаат училиштата како „стратешки“ цели за да привлечат поголемо внимание.
Нигерискиот претседател Бола Тинубу вчера ги откажа планираните патувања во странство. Нигерија на самитот на Г20 во Јужна Африка ќе биде претставена од потпретседателот Кашим Шетима.
Двете киднапирања, како и нападот врз училиште во Еруку, западна Нигерија, доаѓаат во време кога американскиот претседател Доналд Трамп се закани со воена интервенција во Нигерија поради обвинувања за прогон на христијаните во земјата. Во Вашингтон, оваа реторика ја промовираат конзервативните пратеници и групите за застапување на христијаните.
Нигерија ги негира обвинувањата, но потврди дека е во преговори со американската влада за безбедносна соработка, велејќи дека нападите влијаат на сите Нигеријци без оглед на религијата.
