Независниот синдикат на полицијата реагираше по случајот со претепаните млади лица во близина на Сарај, оценувајќи дека станува збор за обид за политичка манипулација и дека недозволената трговија со дрога не треба да добива етнички предзнак.
Во објава на социјалните мрежи, од синдикатот изнесоа детали за полициската акција, при што наведуваат дека осомничените лица најпрво се обиделе да ги прегазат полициските службеници, а потоа на еден од нив му го одзеле службеното оружје.
Според информациите со кои располага синдикалната организација, лицата потоа избегале, при што предизвикале неколку сообраќајни несреќи на автопатот Скопје – Тетово. Тие, како што наведуваат од синдикатот, се здобиле со повреди, а при дополнителна проверка била пронајдена и дрога.
Од Независниот синдикат на полицијата нагласуваат дека националната припадност на полициските службеници кои постапувале во случајот е неважна, бидејќи нивната задача е борба против криминалот и заштита на граѓаните.
„Криминалот нема етничка граница“, порачаа од синдикатот, повикувајќи ги надлежните институции детално да го испитаат целиот случај и постапувањето на полициските службеници.
Воедно, од синдикатот упатија апел до политичките партии да не заземаат страна во случаи поврзани со криминал и да дозволат институциите да ја завршат својата работа.
