Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како покровител на манифестацијата, вчера на свечена церемонија пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник во Охрид им ги врачи признанијата „Инженерски прстен“ за 2026 година на 14 најдобри дипломирани инженери од македонските универзитети.
Добитници на годинашното признание се студенти од Архитектонскиот, Градежниот, Машинскиот, Технолошко-металуршкиот, ФЕИТ, ФИНКИ, Природно-математичкиот, Факултетот за земјоделски науки и храна и Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер при УКИМ, како и од УКЛО, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот во Тетово.
Во своето обраќање, претседателката истакна дека „Инженерскиот прстен“ претставува признание за знаењето, трудот, стручноста и професионалноста на младите инженери.
Според неа, најуспешните дипломирани инженери не се само пример за индивидуален академски успех, туку претставуваат значаен интелектуален и развоен потенцијал за државата.
„Од нашата способност навреме да ги препознаеме, вреднуваме и да им овозможиме својата професионална кариера да ја градат во Македонија, зависат технолошкиот напредок, економскиот развој и конкурентноста на државата“, нагласи Сиљановска-Давкова.
Таа потсети дека Македонија низ годините создала генерации врвни инженери кои успешно се докажале ширум светот, додавајќи дека задржувањето на најдобрите млади кадри е еден од клучните предуслови за идниот развој на земјата.
Признанието „Инженерски прстен“ годинава беше доделено по 23. пат, а досега со ова признание се закитиле вкупно 257 дипломирани инженери.
