Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати, со седиште во Рим, Абдула Али Атек Обаид Алсубуси, на која биле разгледани можностите за унапредување на билатералните односи и отворање нови полиња за соработка.
На средбата, претседателката му се заблагодари на амбасадорот за лично доставената покана за учество на Конференцијата на Обединетите нации за водите, која ќе се одржи од 8 до 10 декември во Абу Даби. Таа ја истакна важноста на одржливото управување со водните ресурси и обезбедувањето пристап до чиста и безбедна вода како едни од клучните глобални предизвици.
Амбасадорот Алсубуси ја информирал претседателката за состојбите во Обединетите Арапски Емирати, како и за иницијативите и активностите насочени кон мир, стабилност и регионална соработка.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство по повод смртта на шеик Ахмед бин Рашид Ал Мактум, истакнат член на владејачкото семејство на Дубаи, а воедно ја поздравила улогата на ОАЕ во напорите за обезбедување мир и стабилност на Блискиот Исток.
Двајцата соговорници ги оцениле односите меѓу двете земји како одлични, засновани врз меѓусебно почитување и разбирање, но истакнале дека постои значителен простор за нивно дополнително продлабочување.
Како области со потенцијал за развој биле посочени туризмот, енергетиката, образованието, културата, земјоделството и инфраструктурата. Претседателката посебно ги истакнала можностите за инвестиции во Коридорите 8 и 10, како и во слободните економски зони.
На средбата било поздравено воспоставувањето на безвизниот режим меѓу двете земји, а Сиљановска-Давкова изразила желба за повторно воспоставување на директната авиолинија Скопје–Дубаи.
Таа оценила дека отворањето резидентна амбасада на ОАЕ во Скопје би претставувало значаен чекор кон уште поблиски институционални односи, зголемена економска соработка и поголема поврзаност меѓу граѓаните.
Претседателката ја поздравила и успешната меѓусебна поддршка на двете земји во рамките на меѓународните организации, нагласувајќи ја важноста на мултилатералната соработка.
