Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, порачајќи дека овој датум претставува траен потсетник за вредностите врз кои се гради државноста.
Во пораката таа истакна дека 11 Октомври е аманет оти слободата се освојува со храброст, правдата бара истрајност и жртва, а државата се развива со труд, чест и одговорност.
Сиљановска-Давкова потсети дека на 11 октомври 1941 година македонските востаници се приклучиле кон антифашистичкиот фронт, започнувајќи ја борбата која, како што наведува, го трасирала патот кон создавањето на македонската држава.
„Во време кога фашистичките сили маршираа низ Европа, македонскиот народ не беше нем набљудувач на злото, туку ја прифати обврската за ослободување. Идејата водилка на востанието беше вековниот стремеж за слободна македонска држава“, порача претседателката.
Таа нагласи дека 11 Октомври не е само историски датум, туку и трајна меморија и обврска за зачувување и развој на татковината.
Според неа, подвигот на прилепските и кумановските востаници, како и на сите учесници во борбата, не претставува само славна страница од минатото, туку и порака за денешните генерации.
„Нивниот херојски подвиг нè задолжува да бидеме не само нивни благодарни потомци, туку и достојни чувари и бранители на нивното непроценливо дело“, наведува Сиљановска-Давкова.
Таа порача дека современите предизвици бараат поголема сплотеност, зрелост и мудрост, како и градење општество во кое различностите ќе бидат основа за меѓусебно разбирање, а не за поделби.
Претседателката истакна дека државата треба да се гради како заеднички дом во кој законите ќе важат еднакво за сите, институциите ќе им служат на граѓаните, а човековото достоинство ќе биде највисока вредност.
„Нашиот испит пред историјата не е да ги повторуваме битките на претходниците, туку да ги оживотвориме нивните подвизи – со знаење наместо со незнаење, со право, етика и морал наместо со самоволие, со единство наместо со раздор“, порача Сиљановска-Давкова.
Во завршницата на честитката, таа истакна дека денешните генерации имаат политичка, економска и граѓанска обврска да создаваат демократска, правна и просперитетна европска држава.
