Земјотрес со интензитет од 4,1 степен според Рихтеровата скала ја потресе ноќеска Србија, објави Републичкиот сеизмолошки институт на Србија (РСЗС). Според информациите, потресот бил во 2:35 часот наутро, во близина на Бездан, објавија српските медиуми.
Како што соопшти РСЗС, интензитетот во епицентарот е проценет на шест степени од Меркалиевата скала, што значи дека земјотресите со таа јачина можат да предизвикаат помали штети на зградите во епицентралното подрачје, објави Радио-телевизија на Србија (РТС).
Епицентарот бил во областа помеѓу Бездан и Бачки Моноштор, на работ на Специјалниот резерват „Горње Подунавље“. Врз основа на макросеизмичките податоци, земјотресот бил почувствуван во поширокото подрачје на северозападна Србија во Бездан, Апатин, Сомбор, како и во пограничните региони на Хрватска и Унгарија.
Според пријавите од граѓаните, земјотресот бил опишан како краткотраен, проследен со тресење, а некои граѓани пријавиле и чувство на „тап удар“.
Десет минути подоцна, регистриран е и послаб земјотрес со магнитуда од 2,5 степени.
