Шумските пожари во јужниот и централниот дел на Шпанија и натаму се активни, а властите продолжуваат со масовна мобилизација на пожарникари и воздухопловни ресурси за нивно ставање под контрола.
Огнените стихии беснеат во регионите Уелва, Кастиља и Сеговија, од кои последниот е оддалечен само околу 90 километри од Мадрид. Поради размерите на пожарите, во гаснењето денеска се ангажирани 21 авион и околу 300 пожарникари, меѓу кои и припадници на специјализираната Воена единица за вонредни ситуации, објави шпанската национална телевизија РТВЕ.
Условите во текот на изминатата ноќ биле нешто поповолни за пожарникарите. Падот на температурите и зголемената влажност на воздухот придонеле за одредено смирување на ситуацијата и олеснување на работата на екипите на терен.
Сепак, опасноста не е надмината. Шпанските власти остануваат во состојба на зголемена готовност поради очекуваната промена на правецот на ветерот, како и значителниот пораст на температурите во наредните денови, услови кои можат дополнително да го отежнат гаснењето и да придонесат за ширење на пожарите.
Податоците на Министерството за еколошка транзиција покажуваат дека годинава Шпанија се соочува со особено сериозна сезона на шумски пожари.
Од почетокот на годината досега се регистрирани 40 големи шумски пожари, што е значително повеќе во споредба со 15-те регистрирани во истиот период минатата година.
Дополнително загрижува и површината зафатена од огнените стихии. Досега изгореле околу 200.000 хектари земјиште, бројка која е шестпати поголема од онаа забележана во истиот период во 2015 година.
Противпожарните служби продолжуваат со интензивни активности на повеќе локации, додека властите внимателно ги следат временските услови и развојот на ситуацијата.
