Спротивно на трендот на штедење што преовладува во поголемиот дел од Европа, Шпанија денес започнува голема програма за регулирање на статусот на имигрантите без дозвола за престој, што потенцијално се однесува на „околу половина милион луѓе“ и би можела да ја поддржи шпанската економија, објави премиерот Педро Санчез.
„Советот на министрите денес ќе одобри кралски декрет за започнување на процесот на вонредно регулирање на лицата со статус на нерегуларен престој во нашата земја“, изјави шпанскиот премиер во писмо до шпанскиот народ објавено на „Икс“, потврдувајќи го спроведувањето на оваа иницијатива објавена во јануари и главно се однесува на латиноамериканските имигранти.
„Оваа легализација е пред сè чин на нормализација (на статусот на престој). Што значи признавање на реалноста на околу половина милион луѓе кои веќе се дел од нашиот секојдневен живот“, рече шпанскиот премиер во писмото.
Портпаролката на шпанската влада, Елма Саис, изјави за радио „Кадена Сер“ дека процесот ќе започне оваа недела и ќе биде завршен на 30 јуни.
Оправдувајќи ја оваа обемна програма, Педро Санчез наведе „потреба“ за решавање на проблемот со стареењето на шпанското население и за поддршка на шпанската економија, четврта по големина во еврозоната и една од најдинамичните во Европа денес.
„Разбираме дека имиграцијата предизвикува проблеми. Би било неодговорно да се негира тоа“, признава тој, додавајќи, сепак, дека „имиграцијата е реалност што мора да се управува одговорно, да се интегрира праведно и да се трансформира во заеднички просперитет“.
„Тоа е процес на регулирање каков што го знаеме во текот на повеќе од 40 години демократија во нашата земја и под владата на Народната партија“, појасни Педро Санчез за време на прес-конференцијата во Пекинг, каде што е во официјална посета.
Владата на Санчез усвојува политика на прием, што претставува исклучок од трендот на заострување на имиграциската политика усвоена од Европската Унија.
За да се олесни спроведувањето на програмата, владата на Педро Санчез ќе усвои „кралски декрет“, како што е предвидено со Уставот, кој потоа може да се објави во Службен весник без да помине низ Парламентот, каде што владата нема мнозинство.
Владината програма е продолжение на народна иницијатива придружена со 600.000 потписи и поддржана од 900 организации кои бараат вонредно регулирање на статусот на престој на сите имигранти без дозвола за престој во Шпанија.
Шпанија, заедно со Италија и Грција, е порта за имигрантите кон Европа, главно преку архипелагот на Канарските Острови.
