Башкими приреди големо изненадување во деветтото коло од Првата македонска фудбалска лига, откако на домашен терен во Куманово со пресврт ја совлада Струга Трим Лум со 2-1 и освои три исклучително важни бода.
Поразот е тежок удар за стружани, кои со евентуален триумф ќе се израмнеа со лидерот Шкендија на табелата. Наместо тоа, Струга ТЛ останува на втората позиција со 17 бодови, колку што има и Вардар.
Домаќините подобро го отворија натпреварот и први се заканија преку Никел Ор, чиј удар од дваесетина метри во 17. минута го одбрани Васко Василев. Само две минути подоцна, голманот на Струга повторно беше сигурен по обидот на Луис Рибеиро.
Сепак, гостите први стигнаа до предност. Во 26. минута, по корнерот што го изведе Меметриза Хамза, Ласана Диако најдобро се снајде во шеснаесетникот и со удар со глава ја затресе мрежата за 0-1.
Башкими брзо возврати. Во 34. минута, Никел Ор продре по левата страна, ја мина противничката одбрана и прецизно погоди за 1-1, резултат со кој се замина на полувреме.
Пресвртот беше комплетиран веднаш по почетокот на вториот дел. Во 51. минута, Антонио Мајимона одлично се проби по левата страна и со прецизен удар го совлада Василев за водство на Башкими од 2-1.
До крајот на средбата Струга ТЛ ја имаше иницијативата, но тешко создаваше вистински шанси. Агамах во 84. минута се обиде од далечина, но шутираше непрецизно, а во финишот неуспешни беа и обидите на Бесмир Бојку и Марјан Радески. На спротивната страна, Башкими можеше и до трет погодок, но Фавзи не беше доволно прецизен.
Домашниот состав успеа да ја сочува предноста до последниот судиски свиреж и заслужено стигна до една од најголемите победи сезонава, додека Струга Трим Лум пропушти можност да направи значаен чекор во битката за лидерската позиција.
