Во периодот од 5 до 6 октомври до 7:30 часот, на територијата на Македонија се регистрирани вкупно 46 пожари на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи.
Од нив, седум пожари сè уште се активни, еден е ставен под контрола, а 38 се целосно изгаснати.
Активни пожари има во седум општини. Во Дебар пожарот е активен на локалитетот „Над Боровите“, на правците кон селата Татар Елевци и Кораб, како и кон Бањиште. Зафатена е ниска вегетација, смрека, папрат и трнливи грмушки.
Пожар има и во селото Јаболчиште, на местото „Биков Гроб“ во општина Чашка, каде што гори шума и ниска вегетација, како и во селото Стрима, општина Липково, каде што е зафатена борова шума и ниска вегетација.
Активен е и пожарот на Шар Планина, над Боговинско Езеро, каде што гори пасиште. Во Куманово се гаси пожар на депонијата Краста, а во општина Новаци гори во селото Добровени, каде што се зафатени ниска вегетација и стрниште.
Нов пожар е регистриран и во општина Дебарца, на потегот меѓу селата Белчишта и Лешани, каде што е зафатена ниска вегетација.
Под контрола е ставен пожарот меѓу селата Драчевица и Цветово во општина Студеничани, на местото „Калдиред“, каде што гори ниска вегетација.
Од 38-те изгаснати пожари, најголем дел биле на ниска вегетација, стрништа и депонии, но имало и случаи со зафатени шумски површини, грмушки и насобран отпад.
Пожари биле регистрирани во повеќе општини, меѓу кои Гостивар, Прилеп, Долнени, Гевгелија, Кочани, Тетово, Желино, Демир Капија, Кичево, Бутел, Сарај, Гази Баба, Куманово и други.
Центарот за управување со кризи продолжува со следење на состојбата и редовно информирање за активностите поврзани со пожарите на отворен простор.
