Фудбалската репрезентација на Македонија доживеа убедлив пораз од 4:0 на контролниот натпревар против Турција, кој се одигра на стадионот „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул.
Домашната селекција беше подобар противник во текот на целиот натпревар, постигнувајќи по два погодоци во двете полувремиња и сосема заслужено стигна до сигурна победа. Турција го контролираше темпото на играта и ја искористи секоја грешка на македонската одбрана.
За Македонија ова е уште еден во низата натпревари без постигнат гол, четврти по ред под водство на селекторот Гоце Седлоски, што отвора дополнителни прашања за формата и ефикасноста на тимот.
По натпреварот, селекторот Седлоски ја презеде целосната одговорност за поразот, нагласувајќи дека токму тој ја поставува тактиката и одлучува за составот.
„Честитки до Турција која заслужено нè победи. Одлична репрезентација полна со квалитетни фудбалери. Загубивме со 4-0, ја преземам сета одговорност бидејќи јас ги поставувам играчите“, изјави Седлоски.
Тој додаде дека натпреварот треба да послужи како важна лекција за тимот, особено во однос на грешките во одбраната и недостатокот на реализација во нападот.
„Од овие натпревари треба да учиме многу. Игравме против силни репрезентации и секоја грешка се казнува. Мора да работиме и да анализираме што не е во ред“, истакна селекторот.
Седлоски посочи и дека дел од промените на полувремето биле принудни, но и тактичка одлука поради незадоволство од дефанзивата.
Под негово водство, Македонија претходно претрпе уште еден идентичен пораз од Данска, додека ремизираше без голови против Република Ирска и Босна и Херцеговина, што дополнително ја нагласува серијата на слаби резултати во последниот период.
