Се што градеа Игор Ангеловски и Благоја Милевски речиси една деценија, Гоце Седлоски успеа да го урне за само четири натпревари. Звучи сурово, но така изгледа Македонија денес на теренот.
По осамостојувањето сменивме многу селектори и низ репрезентацијата поминаа стотици фудбалери. Имаше по некој голем резултат и по некој блесок, но немаше игра, немаше систем и немаше препознатливост. Тоа почна да се менува со доаѓањето на Игор Ангеловски. Полека во сениорската репрезентација се вградуваше генерацијата која претходно настапуваше на Европското првенство за млади, а Македонија конечно доби лик, карактер и препознатлив стил на игра.
Тој пат го продолжи и Благоја Милевски. Паднаа Германија и Италија, Македонија под раководство на овие двајца селектори за првпат се пласираше на Европско првенство, а двапати по ред играше бараж за Светско првенство. Репрезентацијата, освен Горан Пандев, немаше големи ѕвезди, но имаше систем, дисциплина и идеја што сака да игра.
Денес од тоа речиси ништо не се гледа. Во само четири натпревари Македонија повторно личи на репрезентацијата од пред петнаесетина години. Фудбалерите трчаат без јасна формација, без организација, без препознатлива тактика и без било каков план. Дел од нив изгледаат како да не знаат што треба да играат, а некои како воопшто да не играат.
Статистиката е поразителна. Четири натпревари, ниту еден постигнат гол и само четири шута во рамките на голот. Македонија ретко стигнува до противничката половина, а уште поретко создава шанса за погодок.
Се уште не е доцна новото раководство на ФФМ да признае дека направило погрешна проценка со изборот на селектор и да ја исправи грешката пред септемвриските натпревари во Лигата на нации. Потоа следуваат и квалификациите за Европското првенство, а таму веќе нема простор за експерименти.
Секоја чест за Седлоски како играч и како успешен тренер во македонската лига, но за селектор на сениорски државен тим треба многу повеќе. А и оваа златна генерација фудбалери не е бесконечна за сега со неа да се експериментира. Оти таа беше создадена и градена повеќе од десет години и реално има уште еден, најмногу два големи квалификациски циклуси пред себе. Дополнително, поразително е тоа што немаме нова ваква генерација што доаѓа. Оти ако се погледнат резултатите на младинските селекции, не се гледа нов бран што лесно ќе ги замени сегашниве репрезентативци.
Затоа сега не смее да има место за суети, инаети и лични пресметки. Репрезентацијата не е сопственост на неколкумина луѓе во Фудбалската федерација. Таа им припаѓа на сите навивачи и на цела Македонија. А кога е во прашање националниот тим, единствено што треба да биде важно е резултатот и иднината на македонскиот фудбал.
