Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека Буџетот е пред колапс и дека Владата се задолжува со нови извори на финансирање, при што е создаден нов долг од околу 2,5 милијарди евра.
Според него, државата се соочува со зголемен јавен долг и влегува во ризична кредитна зона, што, како што рече, го покажува и последното задолжување од 260 милиони евра, наместо најавените 300 милиони.
Филипче оцени дека дел од средствата се обезбедени под понеповолни услови, што ќе ја зголеми каматната обврска на државата, и постави прашање за одговорноста и намената на овие пари.
Тој додаде дека граѓаните се соочуваат со влошен животен стандард, ниски плати и високи трошоци за живот, како и дека нема доволно мерки за заштита во услови на економска криза.
Според Филипче, недостасуваат сериозни економски реформи, а државата не го користи целосно расположливиот финансиски потенцијал од европските фондови, што дополнително ја влошува економската состојба.
