Саудиска Арабија, Турција и Пакистан денеска во Џеда треба да потпишат клучен одбранбен договор насочен кон зајакнување на регионалната безбедност. Договорот ќе го официјализираат саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф.
Според извори блиски до саудиската влада, договорот е забрзан поради ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Иран и растечките тензии во регионот. Војната влијаеше врз безбедноста на земјите од Персискиот Залив и врз пловидбата низ Ормутскиот Теснец и Црвеното Море.
Пакистанската делегација веќе пристигна во Саудиска Арабија, а денеска се очекува и доаѓањето на турскиот претседател Ердоган.
Аналитичарите оценуваат дека со договорот трите држави сакаат да ја продлабочат безбедносната и воената соработка во услови на зголемена нестабилност на Блискиот Исток. За можен стратешки сојуз меѓу Саудиска Арабија, Турција и Пакистан се шпекулира веќе со месеци, а актуелната криза дополнително го забрза процесот.
