По неколкумесечни дипломатски тензии и зголемен интерес од светските сили за стратешкото значење на Арктикот, САД и Данска постигнаа договор за идниот безбедносен статус на Гренланд. Со него Вашингтон добива долгорочен пристап до клучни воени позиции на островот, додека Копенхаген го задржува суверенитетот над територијата.
Договорот предвидува американската армија да има траен безбедносен пристап, права за прелетување и можност за дополнително развивање на воената инфраструктура на Гренланд. Посебно внимание е посветено на базата „Питуфик“, која има значајна улога во системите за предупредување од балистички ракети.
Според договореното, земји кои не се членки на НАТО нема да можат да воспоставуваат воени капацитети, бази или чувствителни инвестиции на островот без претходна писмена согласност од САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека договорот претставува долгорочно решение и голема придобивка за сите страни.
„Ова е бесконечен договор, нема крај. Ќе започнеме процес за воспоставување значајно воено присуство на соодветни локации на Гренланд. Ќе работиме со граѓаните на Гренланд на негов развој и изградба“, порача Трамп.
Тој додаде дека со договорот се спречува можноста противници на САД да воспостават воено присуство или да реализираат чувствителни инвестиции на островот без американска согласност.
Од данска страна договорот беше оценет како чекор кој ја зајакнува заедничката безбедност, без да го нарушува територијалниот интегритет на Гренланд. Премиерката Мете Фредериксен посочи дека станува збор за значајно решение во интерес на стабилноста.
Жителите на Данска и Гренланд, пак, изразија олеснување по периодот на неизвесност околу идниот однос меѓу Вашингтон и Копенхаген.
Главен фактор во преговорите, според аналитичарите, била и контролата врз стратешките ресурси на Гренланд, особено критичните минерали кои се важни за современите технологии и индустријата.
Со договорот САД настојуваат да ги заштитат своите економски и безбедносни интереси на Арктикот и да го ограничат влијанието на други големи сили, пред сè Кина и Русија.
Официјалното потпишување на договорот е најавено за следната недела во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Решението се оценува како обид за намалување на тензиите меѓу сојузниците во НАТО и за зајакнување на стратешката позиција на Гренланд во услови на зголемена глобална конкуренција.
