Руски воен хеликоптер „Ми-8“ денеска накратко навлегол во воздушниот простор на Полска во близина на границата со руската Калининградска област, соопштија полските вооружени сили.
Според Оперативната команда на Полска, инцидентот се случил околу 11:08 часот во реонот северно од градот Бранево. Хеликоптерот навлегол околу 300 метри во полскиот воздушен простор, каде што се задржал приближно 42 секунди, по што повторно се вратил.
Полските власти наведуваат дека летот бил постојано следен со радарските системи, а како мерка на претпазливост биле подигнати борбени авиони. Во состојба на зголемена готовност биле ставени и копнените сили, како и единиците за противвоздушна одбрана.
Од Оперативната команда оценуваат дека ваквите активности претставуваат уште еден обид за проверка на подготвеноста на полската воздушна одбрана. Станува збор за проценка на полската страна, додека засега нема официјална реакција или објаснување од Русија.
Инцидентот се случува во време на засилени безбедносни мерки во Полска поради воените случувања во Украина и честите воздушни активности во близина на источните граници на НАТО.
