Русија од денеска привремено затвори седум железнички гранични премини кон Финска, Естонија и Латвија, соопшти руската влада. Одлуката опфаќа пет премини на границата со Финска и по еден на границите со Естонија и Латвија, а Москва најави дека официјално ќе ги извести соседните земји.
Со ова се прекинува една од ретките преостанати директни железнички врски меѓу Русија и Европската Унија на тој дел од границата. Потегот доаѓа во период на зголемени тензии по приклучувањето на Финска и Шведска кон НАТО и засилените безбедносни мерки во балтичкиот регион.
Шведските власти предупредуваат дека Русија ја зајакнува воената инфраструктура во близина на источната граница на Алијансата. Во последните месеци Москва ги обвини балтичките држави за соработка со Украина, а руски дрон навлезе и во воздушниот простор на Романија, членка на НАТО.
Во меѓувреме, Латвија и Естонија поставуваат противтенковски бариери долж границата со Русија, како дел од заедничката Балтичка одбранбена линија. Затворањето на премините дополнително ги продлабочува безбедносните и политичките тензии меѓу Русија и соседните земји-членки на ЕУ и НАТО.
