Повеќе од 20.000 луѓе во текот на понеделникот ја преминале границата меѓу Русија и Грузија, при што на граничниот премин Верхни Ларс се формирале километарски колони, јавуваат локалните медиуми. Причина за зголемениот метеж се гласините за можна мобилизација по парламентарните избори во Русија, закажани за септември.
Според Руската Федерална царинска служба, на преминот Верхни Ларс е регистриран рекорден број патници. На 15 и 16 август границата дневно ја преминале повеќе од 19.000 лица, додека на 18 август бројката надминала 20.000, што е значително повеќе во споредба со истиот период во претходните години.
Слични сцени беа забележани и во септември 2022 година, кога по објавувањето на делумната мобилизација од страна на рускиот претседател Владимир Путин, илјадници граѓани ја напуштаа земјата.
Во меѓувреме, службата за помош на емигранти „Релокац“ бележи нагло зголемување на бројот на Руси кои бараат информации за преселување во странство. Според нивните податоци, бројот на дневни апликации се зголемил од околу 70 на 120, што претставува раст од околу 70 проценти.
Најголем дел од заинтересираните се лица на возраст меѓу 18 и 35 години, кои сакаат да ја напуштат Русија пред септември или октомври. Како главни причини ги наведуваат стравот од можна мобилизација, неизвесната политичка ситуација во земјата и желбата да имаат резервен план.
Најчесто избрани дестинации се Грузија, Србија и Ерменија.
Во Ерменија, независниот руски портал „Виорстка“ објавува дека значително пораснала побарувачката за изнајмување станови во Ереван од страна на руски државјани. Според агенциите за недвижности, цените на кириите веќе се повисоки за околу 30 проценти.
Зголемениот интерес за заминување од Русија доаѓа во време кога сè погласни се шпекулациите за можна нова мобилизација по изборите за Државната дума. Според информации што ги објавува „Виорстка“, извори блиски до случувањата тврдат дека Кремљ разгледува сценарија кои вклучуваат мобилизација и евентуално воведување вонредна состојба, иако засега нема официјална потврда за такви мерки.
