Жителите на Горно Оризари конечно добиваат подобри услови за живот со реализацијата на повеќе инфраструктурни проекти што започнаа по долгогодишни барања од локалното население, информираат од Град Скопје.
Во тек е реконструкција на главната улица кон населбата, каде ќе бидат поставени околу 4.000 квадратни метри нов асфалт. Со овој зафат се очекува значително да се подобри безбедноста во сообраќајот, како и пристапот за жителите, учениците и останатите учесници во сообраќајот.
Покрај обновата на коловозот, се работи и на изградба на ново детско катче, како и на целосна реконструкција на спортскиот терен, со што младите ќе добијат современ простор за спорт, рекреација и дружење.
Во рамки на проектите е поставена и нова автобуска постојка, реализирана по барање на жителите на населбата.
Изведбата на активностите денеска ја посетија министерот Ерџан Демир, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш, како и претставници на локалната заедница.
Од Град Скопје порачаа дека ова е почеток на поширок процес за подобрување на инфраструктурата во Горно Оризари и најавија продолжување на инвестициите согласно потребите на граѓаните.
