Три лица починаа од западнонилска треска, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски и додаде дека во земјава досега има 35 потврдени случаи и 3 суспектни на западнонилска треска кои се во процес на дијагностицирање.
Најголем дел од заразените од западнонилска треска се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, каде шест се во критична состојба, а еден пациент се лекува во приватна болница. 15 пациенти се излекувани од западнонилска треска и отпуштени од Клиниката.
Освен скопскиот регион како жариште на европската мапа се најде и регионот Пелагонија, односно Општината Долнени, а на европско ниво најактивно подрачје е Атина, но и грчките погранични области со Македонија.
Поради епидемијата од западнонилска треска локалните власти и надлежните институции преземаат мерки на дезинсекција против ларви од комарци, а до граѓаните апелираат да не чуваат застоена вода во дворовите, отворени црева, резервоари, да ги празнат базените и каналите, и да пријават угинати гаврани кои се сметаат за резервоари на болеста, а ќе има и тестирање на слободна живина во близина на канали.
