Министерството за одбрана на Обединетите Арапски Емирати соопшти дека денеска системите за воздушна одбрана откриле ракетна закана, што е прв ваков случај од мај годинава.
Од Министерството наведоа дека експлозиите што се слушнале се резултат на дејствувањето на системите за воздушна одбрана, кои реагирале на заканата.
Во Дубаи се огласија сирени за воздушен напад, а Министерството за внатрешни работи ги повика граѓаните веднаш да побараат засолниште во најблискиот безбеден објект.
„Поради моменталната ситуација и можните ракетни закани, веднаш побарајте безбедно место“, се наведува во предупредувањето.
Министерството за одбрана соопшти дека вооружените сили остануваат во целосна готовност и дека ќе преземат сите неопходни мерки за заштита на суверенитетот, безбедноста и стабилноста на земјата.
Инцидентот доаѓа во период на засилени тензии меѓу САД и Иран и влошена безбедносна состојба околу Ормускиот Теснец. Обединетите Арапски Емирати и претходно беа цел на ракетни и беспилотни напади за време на ескалацијата во регионот.
Засега нема официјални информации за евентуални жртви или материјална штета, ниту е соопштено колку ракети биле откриени или пресретнати.
