Русија е подготвена да запре со нападите врз Украина на денот кога би се одржале избори, доколку властите во Киев навистина сакаат да организираат гласање, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според него, рускиот претседател Владимир Путин би можел да издаде наредба за прекин на воените дејствија за време на изборниот ден, но Москва смета дека барањето на Киев за подолго примирје нема врска само со изборниот процес.
„Ако навистина сакаат изборите да се одржат во Киев, претседателот на Руската Федерација и врховен командант е подготвен да нареди Украина да не биде нападната на денот на изборите“, изјави Песков.
Тој оцени дека барањето за 60-дневен прекин на огнот, кое го постави украинската страна, според Москва, не е поврзано со изборите, туку со можност Киев да ги обнови воените капацитети.
„Не им треба примирје од 60 дена за избори, туку за да ги соберат силите, да ги залечат раните и повторно да продолжат со војната“, рече портпаролот на Кремљ.
Изјавата на Песков следува откако американскиот претседател Доналд Трамп неодамна порача дека украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да размисли за распишување избори и дека на Украина ѝ е потребно ново раководство за евентуални преговори со Русија.
Зеленски, пак, изјави дека прашањето за избори може да се разгледува само доколку биде воспоставено целосно примирје со Русија во траење од најмалку 60 дена.
Портпаролот на Кремљ исто така тврдеше дека Москва била подготвена да ги продолжи мировните преговори по изборите за Државната дума во Русија, но дека, според неговите зборови, Украина потоа извршила напади врз руска територија.
Мандатот на Зеленски формално истече во мај 2024 година, но претседателски избори во Украина не беа одржани поради воената состојба прогласена по руската инвазија и општата мобилизација.
Прашањето за евентуални избори во Украина останува едно од чувствителните прашања во рамките на дипломатските напори за постигнување договор за прекин на војната.
