Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва ќе возврати на украинските напади врз руските рафинерии, енергетски и логистички објекти, оценувајќи дека Киев прв ја започнал оваа стратегија на напади. Изјавата доаѓа во период на нова ескалација на нападите врз енергетската инфраструктура на двете земји.
Говорејќи на конгресот на организацијата „Бизнис Русија“, Путин рече дека последните украински напади предизвикале мала штета, но дека Русија ќе продолжи со одговорот.
„Вчера се обидоа да нападнат некои рафинерии, а сега погодија поединечни локации. Ништо значајно, но продолжуваат. Тие го направија првиот чекор, ние почнавме да реагираме, а сега се жалат на нападите врз енергетиката, воените објекти и центрите за податоци“, изјави Путин.
Рускиот претседател додаде дека Украина не требало да започне со вакви напади и оцени дека сега бара меѓународен притисок врз Москва за да ги запре одмаздничките акции.
Во изминатите денови беа регистрирани нови украински напади врз руски нафтени постројки, додека Киев соопшти дека ги обновил ударите врз рафинериите, обвинувајќи ја Русија дека не го почитува прекинот на нападите врз енергетската инфраструктура.
