Првиот случај на западнонилска треска оваа година е потврден во Албанија, откако вирусот Западен Нил е дијагностициран кај 72-годишен жител на Корча.
Мажот моментално се наоѓа во Регионалната болница во Корча, каде што прима медицински третман и е под надзор на лекарите.
Според информациите од албанското Министерство за здравство, пациентот бил каснат од комарец додека престојувал во својата градина, каде што често поминувал време. По појавата на здравствени проблеми, тој побарал лекарска помош, а направените анализи потврдиле дека станува збор за инфекција со вирусот Западен Нил.
Членовите на неговото семејство, како и лицата кои биле во близок контакт со него, биле тестирани за присуство на вирусот. Резултатите од нивните тестови биле негативни.
Од почетокот на 2026 година, во Албанија биле испитани 30 примероци од лица кај кои постоело сомнение за западнонилска треска, но сите претходни тестирања биле негативни.
Случајот е пријавен и до Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), со што албанските здравствени власти го вклучија во европскиот систем за следење на заразни заболувања.
Според податоците на Албанскиот институт за јавно здравје, во текот на оваа година во регионот веќе се регистрирани повеќе случаи на оваа инфекција. Во Италија се потврдени 311 случаи, во Грција 157, додека во Македонија се евидентирани 37 случаи.
Западнонилската треска не е нова појава во Албанија. Во текот на 2024 година биле потврдени 107 случаи, со дополнителни 50 сомнителни, додека во 2025 година биле регистрирани два потврдени случаи.
Албанските здравствени институции информираат дека во периодот на зголемена активност на комарците биле спроведени мерки за дезинсекција, особено во крајбрежните подрачја. Локалните власти имаат обврска да спроведуваат дополнителни мерки за заштита во своите општини.
Западнонилската треска се пренесува преку каснување од заразени комарци. Кај најголем дел од заразените симптомите се благи или воопшто не се појавуваат, но може да се јават покачена температура, главоболка, болки во мускулите, замор и повраќање.
Во поретки, но посериозни случаи, вирусот може да го зафати нервниот систем и да предизвика потешки здравствени компликации, поради што здравствените власти апелираат на зголемена претпазливост во сезоната на комарци.
