Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека, покрај електронското гласање, дијаспората би можела да гласа и по пошта, по примерот на многу европски и светски држави. Тој нагласи дека Владата е подготвена да прифати секое решение предложено од СДСМ и Левица, доколку се обезбеди правото на дијаспората да учествува на изборите. Според Мицкоски, целта е да се овозможи поголем одзив на иселениците, кои, како што рече, имаат значаен придонес за државата преку дознаките што ги испраќаат.
Од СДСМ реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да протурка решение кое отвора простор за изборни злоупотреби и манипулации. Опозициската партија порача дека нема да поддржи измени кои, според нив, не гарантираат целосна контрола и тајност на гласањето.
Од Левица, пак, оценија дека актуелниот изборен модел им одговара на двете најголеми партии и ги става помалите политички субјекти во нерамноправна положба. Пратеникот Амар Мециновиќ изјави дека е потребен изборен модел со една изборна единица и поправедни правила.
Евроамбасадорот Михалис Рокас оцени дека предложениот текст е добар, но дека е неопходна политичка волја за постигнување договор. Несогласувањата меѓу власта и опозицијата засега го блокираат донесувањето на законските измени. Главна точка на спор останува начинот на гласање на дијаспората на идните избори.
