Предвремените парламентарни избори во Србија ќе се одржат на 18 или на 25 октомври, најави српскиот претседател Александар Вучиќ. Точниот датум, според него, ќе биде познат во следните неколку дена, со што практично почнува одбројувањето до изборната кампања. Вучиќ претходно најави дека изборите ќе бидат распишани наскоро и дека кампањата ќе трае меѓу 45 и 60 дена.
Изборите првично требаше да се одржат дури во 2027 година, но политичката криза и повеќемесечните антивладини протести го забрзаа изборниот календар. Србија повеќе од една година е погодена од протести кои започнаа по уривањето на настрешницата на железничката станица во
Нови Сад и прераснаа во пошироко антикорупциско движење. Вучиќ, кој повеќе од една деценија е централна фигура на српската политика, во изминатите месеци повеќепати го менуваше најавуваниот термин за изборите.
Со последната изјава тој практично ги сведе опциите на две октомвриски недели. Конечната одлука дали граѓаните на Србија ќе гласаат на 18 или на 25 октомври се очекува да биде соопштена во наредните денови.
