Некои моменти во спортската историја остануваат засекогаш запишани. Таков е 13 октомври 1993 година, денот кога македонската фудбалска репрезентација го одигра својот прв официјален натпревар и ја започна приказната која трае до денес.
На стадионот во Крањ, Македонија дебитираше против Словенија и оствари убедлива победа од 1:4, но резултатот беше само дел од историското значење на тој натпревар. На тој ден, македонските фудбалски навивачи за првпат имаа можност да ја бодрат својата репрезентација на меѓународна сцена.
Тогашната селекција беше составена од големи имиња на македонскиот фудбал, предводена од капитенот Дарко Панчев – еден од најдобрите македонски фудбалери на сите времиња. На клупата беше селекторот Андон Дончевски, кој го предводеше тимот во историскиот настап.
Македонија поведе уште во третата минута преку Зоран „Чоко“ Бошковски, по асистенција на Панчев. Во 37. минута капитенот Дарко Панчев зголеми на 0:2, а Словенија преку Јанез Пате намали во 40. минута.
Во второто полувреме следуваше нова доминација на македонската селекција. Чедомир Јаневски во 48. минута реализираше пенал за 1:3, а само три минути подоцна Драган Канатларовски го постигна четвртиот гол за конечни 1:4.
На првиот историски меч Македонија настапи со составот:
Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Чедомир Јаневски, Зоран Јовановски, Илија Најдоски, Љупчо Марковски, Бобан Бабунски, Драган Канатларовски, Тони Мицевски, Зоран Бошковски и Дарко Панчев.
Во игра влегоа и Ванчо Мицевски, Горан Георгиевски, Сашо Милошевски и Неџмедин Мемеди.
Првиот гол на Бошковски во Крањ останува еден од најзначајните моменти во историјата на македонскиот спорт. Гол кој го означи почетокот на една нова ера и момент кој со години се прераскажува меѓу генерациите љубители на фудбалот.
Три децении подоцна, 13 октомври останува датум кој има посебно место во срцата на македонските навивачи – денот кога Македонија за првпат застана зад својата фудбалска репрезентација.
