Македонската православна црква и верниците денеска го одбележуваат празникот посветен на светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија – светителки кои се меѓу најпочитуваните во православната традиција и симбол на цврстата вера, надежта и љубовта кон Бога.
Според црковното предание, Софија била побожна христијанка и вдовица која своите три ќерки ги воспитувала во духот на христијанската вера. Нивните имиња – Вера, Надеж и Љубов – ги претставуваат трите најголеми христијански добродетели, додека името Софија значи мудрост.
За време на владеењето на римскиот император Адријан, познат по прогоните на христијаните, мајката и трите девојчиња биле повикани да се откажат од својата вера и да им принесат жртва на паганските богови. И покрај заканите и ветувањата за богатство и привилегии, тие останале непоколебливи во својата вера.
Вера, која имала 12 години, Надеж на 10 и Љубов на само девет години, биле подложени на тешки мачења и на крајот погубени. Софија ги погребала своите ќерки и три дена останала да се моли над нивниот гроб, по што и самата починала. Црквата ја почитува како маченичка, бидејќи со својата вера и пожртвуваност ги охрабрувала ќерките да истраат до крај.
На денешниот празник именден слават: Софија, Софка, Вера, Верица, Нада, Надежда, Натка, Љубе, Љупчо, Љубен, Љубомир, Љубосав, Људмил и Љуба.
Празникот потсетува на силата на верата, надежта и љубовта како темелни христијански вредности и на пожртвуваноста на светите маченички, чиј пример останува жив и денес.
