Пожарот во прилепскиот дел на Мариово, кој синоќа зафати делови од селото Чаниште, денеска повторно се активираше, а огнената линија се протега на околу 20 километри.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека пожарот се проширил од течението на Црна Река до врвот Маргаро.
На терен интервенираат прилепските пожарникари, тимови на ДЗС составени од доброволци од Битола, како и доброволци од Кочани и Виница, кои се обидуваат да го стават пожарот под контрола.
Главен приоритет во текот на ноќта ќе биде заштитата на селото Крушевица, кое се наоѓа на неколку километри од активното жариште.
„Ќе имаме тешка ноќ, треба да го одбраниме селото Крушевица“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека во текот на денот сериозна борба со огнената стихија се водела и на територијата на Општина Старо Нагоричане.
Во однос на пожарот во селото Чаниште, Ангелов појасни дека изгорените објекти биле напуштени куќи.
