Нов пожар е регистриран над селото Вржале, во околината на Скопје, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Поради непристапниот терен, пожарот не може целосно да се локализира со копнени сили, па за утре наутро е планирана и воздушна интервенција.
Од ЦУК соопштија дека воздушните сили ќе бидат ангажирани доколку временските услови и состојбата на теренот го дозволат тоа.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, кој се наоѓа на местото на пожарот заедно со заменик-командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Ерол Алиу, истакна дека противпожарните екипи ќе останат на терен и во текот на ноќта.
„Екипите ќе ја следат состојбата во текот на целата ноќ, со цел секоја промена да биде навремено детектирана и да се реагира брзо и координирано“, информираа од ЦУК.
Надлежните продолжуваат со напорите за ставање на пожарот под контрола, а дополнителни информации за состојбата се очекуваат во текот на утрешниот ден.
