Денешниот ден носи променливо облачно и значително посвежо време низ целата земја, проследено со засилен до силен северен ветер, кој на одделни места ќе достигнува и брзина поголема од 60 километри на час.
Во текот на денот локално ќе има повремени врнежи од дожд, а поради продорот на постуден воздух, на повисоките планински предели врнежите повремено ќе преминуваат во снег.
Утринските температури ќе се движат од 4 до 11 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 11 и 18 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно и постудено време со умерен, а во одделни делови од котлината и повремено засилен северен ветер. Температурата ќе се движи од минимални 10 до максимални 15 степени.
Според прогнозите, променливото и постудено време ќе се задржи до петок. Денес и во петок повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и снег. Северниот ветер и натаму ќе биде засилен, а на поединечни места ќе достигнува силен интензитет.
За време на претстојниот викенд следува стабилизација на временските услови. Се очекува сончево време со мала до умерена облачност и попријатни услови за престој на отворено.
