Голема неизвесност владее околу состојбата на Кристапс Порзингис (31), кој требаше да биде дел од подготовките на Голден стејт за новата НБА-сезона, но сè уште не се приклучил на тимот.
Она што дополнително ја зголемува загриженоста е фактот што, според американските медиуми, ниту во клубот во моментов немаат јасна информација кога летонскиот центар би можел повторно да се врати на паркетот.
Тренерот на Вориорс, Стив Кер, не откри детали за ситуацијата, но нагласи дека најважно е здравјето на кошаркарот.
„Би сакале тој да биде овде со нас, но мора да му даде предност на здравјето. Го поддржуваме и продолжуваме понатаму“, изјави Кер.
Според американските медиуми, причината за отсуството на Порзингис може да биде поврзана со здравствените проблеми со кои се соочува во последните години. По сезоната 2024/25 се појавија информации дека тој би можел да има проблеми со ПОТС – синдром на постурална ортостатска тахикардија, состојба која може да предизвика забрзано чукање на срцето, замор и вртоглавици.
Сепак, засега нема официјална потврда дека токму ова нарушување е причината поради која Порзингис е надвор од тимот.
Новинарот Дени Емерман објави дека во Голден стејт претходно имале позитивни очекувања за неговата физичка подготвеност пред почетокот на подготовките, но потоа повторно се појавиле здравствени проблеми.
Летонскиот кошаркар летово потпиша двегодишно продолжување на договорот со вредност од 40 милиони долари, со опција за играчот за сезоната 2027/28. Според информациите од медиумите, 24 милиони долари од договорот се гарантирани, додека преостанатиот дел зависи од исполнување на одредени услови.
Порзингис беше избран како четврти пик на драфтот во 2015 година, а во досегашната НБА-кариера настапуваше за Њујорк Никс, Далас Маверикс, Вашингтон Визардс, Бостон Селтикс и Атланта Хокс. Со Бостон во 2024 година ја освои шампионската титула, но и во тој период имаше проблеми со повреди и здравствената состојба.
ПОТС е нарушување на автономниот нервен систем кое влијае врз регулирањето на срцевиот ритам и циркулацијата, особено при промена на положбата на телото. Симптомите можат да бидат различни по интензитет, а третманот најчесто се одредува индивидуално.
Во Голден стејт се надеваат дека Порзингис ќе може да се врати во составот кога неговата состојба ќе го дозволи тоа. Дотогаш, останува отворено прашањето кога еден од најискусните високи играчи во тимот повторно ќе го облече дресот на Вориорс.
