Македонија денеска ја очекува сончево и многу топло време, со максимални дневни температури кои на повеќе места ќе достигнат до 39 степени. Во Скопје ќе преовладува сончево време, а температурата ќе се искачи до околу 37 степени.
За главниот град и понатаму е во сила портокалово предупредување поради високите температури и зголемениот ризик по здравјето на граѓаните. Надлежните препорачуваат да се избегнува престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, кога сончевото зрачење е најсилно. Се советува редовно внесување течности, носење лесна и светла облека и ограничување на физичките активности во најтоплиот дел од денот. Особена претпазливост се препорачува за хронично болните, повозрасните лица, малите деца и бремените жени.
Според прогнозите, топлотниот бран ќе продолжи и во наредните денови, кога температурите повторно ќе достигнуваат 38 и 39 степени. Метеоролозите најавуваат дека освежување се очекува дури кон средината на следната недела.
