Полските власти ја обвинија Русија дека стои зад пожарот што избувна на 23 септември во копнена станица на „Старлинк“ во местото Вола Кробовска, оценувајќи го инцидентот како дел од хибридната војна што Москва ја води против земјите кои ја поддржуваат Украина.
Полскиот премиер Доналд Туск соопшти дека на 10 октомври, по барање на Полска, во Германија биле уапсени двајца турски државјани осомничени дека го подметнале пожарот. Во објава на платформата X, Туск го нарече нападот „уште еден чин на хибридно војување“, нагласувајќи дека истрагата продолжува.
Координативниот министер за специјалните служби, Томаш Сјемонијак, изјави дека нема сомнеж оти зад саботажата стојат руските разузнавачки служби.
„Нема сомнение дека руските разузнавачки служби стојат зад овој чин на саботажа“, изјави Сјемонијак, додавајќи дека Москва сè почесто користи лица од криминалното подземје за извршување на вакви операции.
Министерот за дигитализација и вицепремиер Кшиштоф Гавковски претходно изјави дека пожарот можеби бил намерен обид да се наруши интернет-инфраструктурата што ја користат украинските сили. Според него, станицата, со која управува државната телекомуникациска компанија „Егзател“, претставува важен комуникациски центар за интернет-сообраќајот во Полска, вклучително и врските со Украина.
Во меѓувреме, полските безбедносни служби водат и посебна истрага за наводен заговор за атентат врз премиерот Доналд Туск и министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш. Портпаролот на полското разузнавање Јацек Добжински потврди дека полицијата добила повеќе информации за можна закана, по што бил одржан координациски состанок меѓу Министерството за внатрешни работи, Службата за државна заштита и Агенцијата за внатрешна безбедност.
Министерот за одбрана Косињак-Камиш изјави дека институциите ја сфаќаат ситуацијата исклучително сериозно и дека се преземаат сите неопходни мерки за утврдување на фактите и обезбедување на безбедноста на државниот врв.
