Кога некој ќе каже „Јас сум Лав“ или „Јас сум Вага“, тој зборува за својот Сончев знак — позицијата на Сонцето во моментот на раѓање. Тоа е она што во популарната астрологија го нарекуваме „хороскопски знак“. Сонцето ја претставува суштината на личноста: егото, волјата, централниот идентитет и животната насока. Но Сонцето не е единствениот фактор што ја дефинира личноста.
Во професионалната астрологија, поважно значење има подзнакот, односно Асцендентот.
Асцендентот е знакот што се издигнува на источниот хоризонт во точниот момент на раѓање. Тој го означува почетокот на првата куќа во наталната карта и ја поставува целата структура на куќите. Со други зборови, Асцендентот ја создава рамката во која се распоредуваат сите планети и животни области. Секој астролог кога прави неделен, месечен или годишен хороскоп по знаци, ги анализара подзнаците, но тоа никој не го кажува. Луѓето се навикнати да си го читаат неделниот хороскоп кој најчесто нема врска со нивната натална карта. Преку подзнакот доаѓа анализата. Сите хороскопи се базираат на анализата од подзнакот, па затоа кога читате дневен/неделен/месечен/годишен хороскоп, читајте по подзнак. Некогаш некои луѓе својот подзнак не го знаат поради тоа што истиот се одредува преку времето на раѓање. Околу 2 минути плус или минус се сметаат за прецизно време. Доколку не го знае некој времето на раѓање може да направи – ректификација. Ректификација е астролошка постапка со која се утврдува или коригира точниот час на раѓање кога не е познат или не е прецизен. Таа се прави преку анализа на значајни животни настани (брак, развод, кариера, операции, преселби) и нивно споредување со транзити, прогресии и агли во наталната карта.
Затоа подзнакот не е „маска“. Тој е механизам на функционирање.
Што навистина покажува Асцендентот?
Во традиционалната астрологија, Асцендентот е директно поврзан со телото, конституцијата, држењето и реактивноста на нервниот систем. Често луѓето физички повеќе личат на својот подзнак отколку на Сончевиот знак. Овен подзнак често носи динамични движења и брза реакција, Девица подзнак дава прецизна моторика и воздржаност, додека Шкорпија подзнак се препознава по продорен, фиксиран поглед и интензивна присутност.
Освен телото, Асцендентот го покажува и начинот на започнување — како реагираме во стрес, како влегуваме во конфликт, како пристапуваме во љубов или во нова работа. Ако Сонцето ја претставува суштината, Асцендентот го покажува првиот импулс, првата стратегија и првиот впечаток што го оставаме.
Владетелот на подзнакот – клучната точка во картата
Во професионална анализа, особено значење има планетата што владее со знакот на Асцендентот. Таа не е само „важна“ — таа станува владетел на целата натална карта. Тоа значи дека нејзината позиција, сила и аспекти директно влијаат врз животната насока.
Ако некој има Лав подзнак, Сонцето е неговиот владетел. Кај Бик подзнак тоа е Венера, кај Стрелец Јупитер, кај Шкорпија Марс (традиционално) и Плутон (модерно). Позицијата на таа планета во куќите, како и аспектите што ги формира, покажуваат каде се активира животната енергија, каде се случуваат пресвртите и каде се гради идентитетот.
Затоа без точен час на раѓање анализата останува непотполна — бидејќи без Асцендент нема структура.
Зошто двајца со ист хороскопски знак можат да бидат спротивности?
Многу луѓе велат: „Не личам на мојот знак.“ Во најголем број случаи, одговорот лежи токму во подзнакот.
На пример, Лав со Овен подзнак ќе делува двојно огнено — импулсивно, директно, доминантно. Амбицијата е отворена и видлива. Но Лав со Риби подзнак ќе има сосема поинаков израз: чувствителност, повлеченост, помека харизма. Суштината останува лавовска — потреба за признание и креативност — но начинот на манифестација е различен.
Исто важи и за Вага. Вага со Јарец подзнак ќе биде дисциплинирана и пресметана, со стратегиски пристап кон односите. Вага со Близнаци подзнак ќе биде комуникативна, лесна и брза во одлуките. Исти Сончеви знаци, различен начин на функционирање.
Токму тука се гледа вистинската длабочина на астрологијата — во комбинацијата, не во изолираната позиција.
Асцендентот како точка на пресврт
Во астрологијата постојат техники со кои се следи развојот на картата низ времето. Транзитите се тековните движења на планетите на небото во однос на наталната карта. Прогресиите се симболичен метод што го прикажува внатрешниот психолошки развој на личноста со текот на годините.
Кога тешки планети како Сатурн, Уран или Плутон транзитираат преку Асцендентот, или кога во прогресија се активира оваа точка, често се случуваат значајни животни промени. Тоа може да биде промена на статус, редефинирање на идентитетот, промена на надворешниот имиџ, професионална насока или длабока лична трансформација. Бидејќи Асцендентот ја претставува самата оска на личниот идентитет и начинот на функционирање, неговата активација речиси секогаш означува почеток на нова фаза во животот.
Клучната разлика
Сонцето покажува кој си во суштина и кој треба да станеш. Ние треба да станеме нашиот хороскопски знак во текот на животот, да ги развиеме неговите квалитети. Подзнакот покажува како таа суштина се изразува во реалниот свет. Владетелот на подзнакот покажува каде те води животот. Владетелот на подзнакот си ТИ. Доколку си подзнак Близнаци – Меркур како главен домаќин и владар на Близнаците го прави и домаќин на наталната карта, главен владар на животот. Како и каде е поставен владарот во наталната, во овој пример – Меркур, таков е и човекот.
Затоа прашањето „Кој ти е знак?“ дава само дел од одговорот. Вистинската анализа започнува со подзнакот — и со позицијата на неговиот владетел.
Можеби најважното прашање не е кој си според хороскопот, туку кој астролошки механизам навистина ти го води животот.
Миа Огненова Монај
