Општина Кисела Вода продолжува со активностите за подобрување на условите во предучилишните установи, а во рамки на новата иницијатива обезбеди едукативни и креативни материјали за сите објекти на детските градинки на нејзина територија.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, изврши работна посета на објектот „8 Март“ во населбата Расадник, каде беа доставени дел од материјалите наменети за секојдневната работа со децата.
Новата опрема има за цел да го поддржи воспитно-образовниот процес и да придонесе за правилен интелектуален и моторен развој на најмладите. Материјалите ќе им помогнат на воспитувачите во подготовката на активности преку кои децата ќе учат и ќе ги развиваат своите способности низ игра и креативност.
Од Општина Кисела Вода информираат дека вакви материјали се обезбедени и доставени до сите објекти на детските градинки во општината, како дел од пошироката стратегија за унапредување на предучилишното воспитување.
„Вложувањето во раниот детски развој и континуираното унапредување на условите во кои престојуваат најмладите е еден од нашите највисоки приоритети. Преку обезбедувањето на овие едукативни материјали, директно придонесуваме кон поквалитетен образовен процес уште од најрана возраст и создаваме стимулативна средина за згрижување и воспитување на децата“, истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Од локалната самоуправа додаваат дека инвестициите во градинките продолжуваат и преку модернизација на просториите и создавање подобри услови за престој, развој и едукација на децата.
